Патнички воз се судрил со товарен воз нешто пред полноќ во Темпи, централна Грција, во близина на градот Лариса, соопшти грчката противпожарна служба. Според Хеленик Трејн, во моментот на судирот во патничкиот воз имало најмалку 350 луѓе. Во Атина се качија околу 430 луѓе, а во Лариса заминаа околу 80, додека останатите беа во возот во моментот на катастрофалниот удар.
Регионалниот гувернер на Тесалија Константинос Агорастос за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во несреќата, додека првите два вагони, кои се запалиле, се „речиси целосно уништени“. Тој рече дека двата воза возеле еден кон друг на иста пруга.
„Тие се движеа со голема брзина и ни еден возач не знаеше дека другиот доаѓа“, рече гувернерот.
Засега бројот на жртви е 32, со над 85 повредени, но се стравува дека бројката може да биде и поголема. Во најголем дел од вагоните имало млади луѓе студенти, 80 отсто млади, до 30 години. Според грчки „Катимерини“, спасувачите се уште ги пребаруваат вагоните, па се стравува дека бројот на загинати и повредени ќе биде поголем.
Министерот за цивилна заштита, Христос Стилијанидис, од првиот момент на несреќата е во Центарот за кризни состојби со други претставници на грчката Влада. Беше активирана Првата армија на грчката армија, како и воените болници во Атина и Солун.
Најмалку 32 лица загинаа во фатален судар на воз во Грција, а преживеаните патници се во шок по несреќата.
Додека операцијата за пребарување и спасување продолжува, патниците кои преживеале го опишале ужасот.
„Слушнавме голем тресок тоа беа 10 секунди беше кошмар. Се превртувавме во вагонот додека не паднавме на страна… потоа настана паника, насекаде пукаа кабли, пожарот беше моментален, додека се превртевме бевме спалени, пожарот беше десно и лево“, изјави Стергиос Миненис (28), сведок на катастрофалниот судар.
Шокантно е и сведочењето на патникот кој бил во 6-от вагон на возот и кој се обидел да извлече што повеќе луѓе од возот.
„Бев во 6-та вагон изгледаше како земјотрес, се обидов да извлечам што повеќе луѓе, имаше бебе во 6-ти месец, за среќа преживеа. Вториот вагон каде што беше кафетеријата беше уништен, јас не можев понатаму бидејќи беше зафатен од пожар“, изјави друг патник за Protothema.
Друг преживеан патник рекол дека повеќето од патниците спиеле кога одеднаш се слушнал силен тресок.
„Паднаа куфери и стануваше се полошо. За 5 секунди сфатив дека се случило нешто лошо. Нашиот вагон не беше лошо погоден, неколку стакла искршени. Луѓето паѓаа, некои вагони гореа. 15 минути по несреќата сè уште немаше, ниту пожарникари, ниту полицијата“, рече тој.
Причината за најсмртоносната железничка несреќа во Грција во последните децении е непозната.