Околу 500.000 демонстранти ги окупираа улиците на градовите низ Израел синоќа протестирaјки против планираните реформи во правосудството, десетта сабота по ред. Протестите не покажуваат знаци на забавување, а во некои градови забележан е рекорден број демонстранти.
Според некои проценки, половина милион луѓе излегле на улиците.
Само во Тел Авив се собраа околу 240.000 луѓе, а во Хаифа многу помалку, околу 50.000.
Пред неколку дена, израелскиот претседател Исак Херцог за прв пат јавно проговори против плановите на десничарската влада. Тој рече дека судските реформи се грешка, репресивна и поткопување на демократските основи на Израел.
Тој рече и дека е договорен компромис меѓу поддржувачите и противниците на реформата. Деталите за компромисот се уште не се познати на јавноста. Клучните елементи на реформата би можеле да поминат на последното гласање во парламентот следната недела, објавија израелските медиуми.
Според владините планови на премиерот Бенјамин Нетанјаху, парламентот ќе може да ги поништи одлуките на Врховниот суд со просто мнозинство. Дополнително, политичарите ќе добијат поголемо влијание врз назначувањето на судиите. Критичарите го гледаат како закана за демократската поделба на власта и стравуваат дека реформите би можеле да му овозможат на Нетанјаху да избегне осуда во судски процес за корупција.