На некои Руси кои беа уапсени поради протести против воведувањето делумна мобилизација во земјата, им беа доставени покани за отслужување воен рок додека беа во притвор, соопшти здружението за човекови права ОВД-Инфо. Откако Владимир Путин во средата ја најави првата голема мобилизација во Русија по Втората светска војна, летовите надвор од земјата се распродадени, а во неколку градови беа одржани масовни протести, кои брзо беа разбиени од полицијата.
ОВД-Инфо објави дека се приведени најмалку 1.310 демонстранти, а на некои од нив веднаш им биле доставени покани да се приклучат на војската. На демонстрант во Москва му беше кажано дека може да се соочи со 10 години затвор затоа што одбил да го прифати повикот за мобилизација. Според рускиот закон, полицијата има овластувања да ги спречи луѓето за кои се смета дека избегнуваат мобилизација.
Законот предвидува и години затвор и големи парични казни за оние кои ќе ја избегнат воената служба без законска основа за изземање. Од 15 полициски одделенија е добиено известување дека приведените добиле покана за мобилизација“, се наведува во соопштението на ОВД-Инфо.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не ги негираше споменатите наводи. Тој рече само дека тоа „не е нелегално“.
Полицијата не била достапна за коментар, ниту канцеларијата за мобилизација, наведува Ројтерс. Наводно до новинарите биле упатени повици за мобилизација.
Имено, руската телевизија Дожд (Дожд) објави дека Артем Кригер, новинар на порталот СОТА, добил покана во војска откако бил уапсен додека известувал за протестите против мобилизацијата во Москва.
Во четвртокот, по одлуката за делумна мобилизација, некои мажи се упатија кон границите. Забележана е зголемена гужва на граничните премини со Финска и Грузија, а цените на авионските билети од Москва вртоглаво пораснале.