„Она што може да се види во Одделението за интензивна нега на детската болница Ал-Наср во Газа е навистина страшно. Телата на децата, некои од нив сè уште се прикачени на уредите што требаше да ги одржат во живот, се распаѓаат во нивните кревети. Некои се толку скапани што се црни. Некои од креветите имаат скелети со многу малку ткиво на нив. Мувите и ларвите лазат по кожата на едното дете“.
Ова е сцената што новинарот Мохамед Балуша ја сними со својата камера на 27 ноември во болницата Ал-Наср. Тој влегол во болница за време на неодамнешното седумдневно примирје договорено од Хамас и Израел, пишува Си-Ен-Ен.
Војната меѓу Хамас и Израел стигна до детските болници Ал-Наср и Ал-Рантиси (дел од истиот комплекс) на почетокот на ноември. Неколку работници на болницата Ал-Наср и здравствени службеници рекоа дека израелската армија на 10 ноември им рекла да ја напуштат болницата.
Тие мораа да ги остават децата на Одделот
Болничките работници рекоа дека децата кои се лекуваат на Одделот за интензивна нега таму морале да ги остават бидејќи не можат безбедно да ги префрлат на друго место. Лекар поврзан со болницата Ал-Наср за Си-Ен-Ен изјави дека двегодишно дете и деветмесечно бебе починале непосредно пред евакуацијата, а три деца останале во Одделението.
Директорот на детските болници Ал-Наср и Ал-Рантиси, д-р Мустафа ал-Калут, на 9 ноември изјави дека болницата Ал-Наср била „ракетирана двапати“ и претрпела голема штета. Тој додаде дека на Одделението за интензивна нега останал без кислород и дека поради тоа еден пациент починал, а други се изложени на ризик од истата судбина.
Возилата за итни случаи не дојдоа на крајот
Во аудио снимката објавена од ИД на 11 ноември, може да се слушне службеник на израелското болничко одделение како уверува дека евакуацијата ќе се случи и дека брзата помош ќе дојде да ги земе пациентите.
Според аудио снимката објавена од Лекари без граници (MSF) на 10 ноември, медицински техничар кој волонтирал во болницата Ал-Наср рекол дека болницата била погодена со ракети. Техничарот рече дека ИД им кажала на болничкиот персонал дека имаат 30 минути да си заминат, а возилата на брзата помош не можат да дојдат до нив.
Техничарот додаде дека успеал да извади едно дете од болница и да го стави во амбулантно возило кое се упатило кон болницата Ал-Шифа. Тој исто така рече дека четири деца останале на одделот за интензивна нега на болницата Ал-Наср.
ИД, сепак, не кажа за Си-Ен-Ен зошто не испрати амбулантни возила во болницата Ал-Наср за да може да се изврши евакуација. Портпаролот на ИД, Дорон Шпилман, ја демантираше приказната за децата кои останале на Одделот за интензивна нега и ја опиша како гласина.
– Сепак, Хамас е задолжен за болницата Ал-Наср, ние не ја окупиравме – додаде Шпилман.
Форензичар: „Напредно е нивото на распаѓање на телата на децата“
Форензичкиот експерт Стефан Шмит од Меѓународниот универзитет во Флорида го прегледа видеото снимено од Мохамед Балуша на 27 ноември и дадено за Си-Ен-Ен, и нагласи дека нивото на распаѓање на телата на децата е напредно.
Шмит рече дека верува оти просторијата во која биле снимени телата не била допрена откако биле оставени таму. Судскиот вештак додаде дека едното тело било завиткано во ткаенина и не било поврзано со никаква болничка опрема, што значи дека детето или веќе било починато или е тешко повредено. Тој додаде дека собата била брзо напуштена.
По објавувањето на видеото од телата на децата, Министерството за здравство во Газа соопшти дека ИД му кажала на болничкиот персонал дека мора да си заминат, а евакуацијата ќе ја изврши Меѓународниот Црвен крст.
Црвениот крст изјави за Си-Ен-Ен дека добиле неколку барања за евакуација од болниците во северниот дел на Газа, но дека безбедносната ситуација во тие области не им дозволува да се вклучат во операции или евакуации.