Повеќе од 70 луѓе починаа од студот во Авганистан во текот на оваа зима, која се смета за најстудена во земјата во последните 15 години.
Според локалните власти, смртни случаи од студ се регистрирани во осум од 34 провинции во земјата, пренесува Ројтерс.
Најстудената зима во последните 15 години го погоди Авганистан во екот на тешка економска криза, во која температурите се спуштија до -34 степени Целзиусови.
Повеќе од 38 милиони луѓе се соочуваат со глад, пренесуваат медиумите.
Голем број хуманитарни групи делумно ја прекинаа работата во последниве недели поради одлуката на Талибанците да им забрани на повеќето работнички на невладини организации да работат, спречувајќи ги агенциите да спроведат бројни хуманитарни проекти.
Дури и на почетокот на зимата, здравствените работници пријавија нагло зголемување на бројот на мали деца кои страдаат од сериозни случаи на пневмонија и други респираторни заболувања, делумно поради зголемената сиромаштија што ги оневозможува луѓето правилно да ги загреваат своите домови.