Најмалку 260 цивили се убиени во напад на вооружени лица во западниот етиопски регион Оромија, објави Ројтерс, цитирајќи двајца локални жители денеска.
Еден жител, кој вели дека учествувал во закопувањето на телата во масовни гробници, рече дека се убиени 260 цивили, додека друг рече дека се убиени 320.
Регионалниот портпарол на Оромија, Хаилу Адуња, и портпаролот на етиопската армија, полковник Генет Адана, не одговориле на барањето за коментар, наведува британската агенција.
Претходно, премиерот Аби Ахмед ги осуди, како што рече, „ужасните дела“ во Оромија, без да даде детали.
– Нападите врз невини цивили и уништувањето на средствата за живот од нелегални и нерегуларни сили се неприфатливи, напиша Ахмед на Твитер.
Етиопија се соочува со најлошата суша во последните 40 години, потенцијално загрозени се 30 милиони луѓе.
Конфликтот што избувна меѓу етиопската влада и воените сили во нејзиниот северен регион Тигар на 4 ноември 2020 година, доведе до вистински хаос во земјата.
Борбите во Тигра започнаа кога премиерот Аби Ахмед, добитник на Нобеловата награда за мир, нареди напад откако силите лојални на државната TPLF нападнаа федерална армиска база.
Конфликтот подоцна ги зафати и соседните региони Амхара и Афар, а во досегашните борби загинаа илјадници цивили.