СУВО лето, студена зима. Токму оваа стара изрека, облечена во нова лингвистичка облека, ја плаши Европа. Затворените руски славини за гас им ја ладат крвта од помислата што може да се случи кога ќе падне снег.
Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе го прекине снабдувањето со гас за Европа преку клучниот гасовод Северен тек 1 доколку продолжат санкциите против Русија.
Кремљ соопшти дека ќе го рестартира протокот на гас преку Северен тек 1 по завршувањето на работата во четврток.
Сепак, Путин сега тврди дека протокот може да се намали на само 20 отсто од капацитетот следната недела доколку санкциите спречат понатамошно одржување.
И пред работите на Северен тек, Москва го намали снабдувањето од гасоводот на 40 отсто од капацитетот, а како причина ја наведе неопходната турбина која поради санкциите беше „заробена“ во Канада.
После тоа турбината беше „пуштена“, но втората треба да оди на одржување.
Поправки, бавен проток, прекин во снабдувањето на оние кои одбиваат да платат во рубљи, се само преглед на она што навистина може да се случи, кога гасот, во ноември или декември, ќе биде многу поважна именка отколку во јули или август. И тоа ќе биде наскоро.
Европските претставници стануват нервозни околу тоа дали Русија повторно ќе ги отвори славините за гас и веќе го обвинуваат Кремљ дека ги користи турбините како изговор за да направи хаос на европските енергетски пазари. А Европската комисија штотуку потврди дека е можно Русија целосно да ја прекине испораката на гас за Европа.
„Целосен прекин на протокот на гас е веројатно сценарио. Треба да бидеме проактивни. Треба да се подготвиме за потенцијално целосно прекинување на рускиот гас. Се подготвуваме за најлошото, а се надеваме на најдоброто“, рече претседателот на ИК.
Поради оваа причина, Европската комисија денеска објави итни планови, чија цел е намалување на побарувачката на гас во Европската унија.