Десетици илјади луѓе се собраа денеска во Копенхаген на протест против предлог-законот на владата за укинување на државниот празник за да се помогне во финансирањето на одбраната на Данска.

Демонстрациите беа организирани од најголемите синдикати во земјата кои се противат на укинувањето на Големиот ден на молитвата, христијански празник кој се паѓа на четвртиот петок по Велигден и е традиција во Данска од 1886 година, објави Ројтерс.

Синдикатите наведуваат дека на протестот имало најмалку 50.000 луѓе, а ако овие бројки се точни, тоа се најголемите демонстрации во Данска во повеќе од 10 години, додава британската новинска агенција. Локалната полиција, како што додава Ројтерс, не дава проценка за бројот на луѓе на ваквите собири.

Укинувањето на празникот беше предложено во декември за да се помогне да се зголемат даночните приходи за повеќе трошоци за одбраната поради војната во Украина, и е дел од реформската програма на новоформираната влада насочена кон надминување на тековните финансиски предизвици.

Владата предложи да не се слави празникот три години за да се постигне целта на НАТО за трошоци за одбрана од два отсто од БДП во 2030 година.

Владата, исто така, рече дека се потребни дополнителни 654 милиони долари за исполнување на целите, кои би можеле да бидат покриени со повисоки даночни стапки по укинување на одморот.

By Author