Шведска и Финска треба да ги заострат своите антитерористички закони и да ја зголемат соработката со НАТО, вклучително и Турција, за борба против тероризмот и терористичките организации како Курдистанската работничка партија (ПКК), изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

– Ова е важно за Турција, бидејќи Турција е земја членка на НАТО која е најмногу изложена на терористички напади и затоа е загрижена. Тоа мора да биде пропорционално, но Турција има право да се брани од терористички напади – изјави Столтенберг во интервју за шведскиот јавен сервис СВТ, а пренесува агенцијата ТАС С.

Како што рече, нормално е дека за ратификацијата на барањето за пристапување на Шведска и Финска во Алијансата е потребно време.

Столтенберг рече дека 28 од 30-те земји членки веќе ги ратификувале барањата за влез на двете нордиски земји во НАТО.

– Она што изненадува овој пат е што помина толку брзо – истакна Столтенберг.

Финска и Шведска поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, но Турција веднаш ги блокираше нивните кандидатури, барајќи од двете земји да ги прогласат курдските организации за терористички групи, да екстрадираат лица обвинети за тероризам или соучесништво во неуспешниот обид за државен удар во земјата во 2016 година.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 28 јуни разговараше со неговиот фински колега Саули Нииниста, тогашниот премиер на Шведска Магдалена Андерсон и Столтенберг.

Партиите потпишаа меморандум што им го отвори патот на Стокхолм и Хелсинки да се приклучат на воената алијанса, а како што рече турскиот лидер, Шведска се обврза да екстрадира повеќе од 70 лица соучесници во терористички активности, потсетува руската агенција.

By Author