Десеттиот ден од војната во Украина. Евакуацијата во Мариупол не успеа бидејќи, според Украина, руските војници не го почитувале примирјето. Оптужби има од двете страни. Од утрово од тој град пристигнуваат вести за лошата хуманитарна состојба, но и најава на функционерите на самопрогласената Доњецка народна република дека евакуацијата може да продолжи и денеска. Украинските власти се уште не ја потврдиле евакуацијата.
Украина и Русија се договорија за примирје! Првиот ваков настан од почетокот на војната требаше да се случи во хуманитарните евакуации на жителите од загрозените градови, но тој план пропадна по неколку часа.
Прекинот на огнот стапи на сила во 8 часот по наше време, а беше потврден од двете страни, кои нагласија дека ќе следи заминување на цивилите од Мариупол и Волноваха, кое треба да трае неколку дена, бидејќи е планирано да ја напуштат Волноваха до 20.000 и Мариупол дури 200.000 цивили.
Набрзо следеа обвинувања од двете страни дека другата ја спречува евакуацијата. Украина ја обвини Русија дека го гранатира Мариупол по целата траса на хуманитарниот коридор од тој град до Запорожје, а Русија ја обвини Украина дека не дозволува цивили и странци да го напуштат градот, како и Волноваха.