Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Почитувани претставници на медиумите, Почитувани граѓани, Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден (21.12.2021) извести за 10 приведени лица поради сомнение за криумчарење и неовластена трговија со прекурсори, како резултат на голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица на возраст од 35 до 53 години, петмина од Куманово, четворица од Скопје и еден од тетовско,  меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници. Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај едниот од нив, односно десеттиот од приведените бил пронајден и одземен кокаин.

Оваа акција беше спроведена од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, СВР Скопје и СВР Куманово, по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во текот на завчерашната акција, при извршени претреси во возилата и домовите на полициските службеници во кои беа пронајдени кокаин, поголема количина девизи, муниција, беше вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кој изврши претреси во работните простории, согласно процедурата извршен е нарко-тест во соодветна медицинска установа, а кон осомничените полициски службеници ќе бидат поведени дисциплински постапки и ќе бидат суспендирани од работното место.

Имено, истрагата за оваа акција Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи ја реализираше во подолг временски период од околу 9 месеци по насока на Јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење на овластени службени лица во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на која беа опфатени полициски службеници за кои постоеја основи на сомнение дека се занимаваат со недозволена трговија на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори на подрачјето на Куманово, но и околу евентуална инволвираност во овие кривични дела на лица на територијата на целата држава. Притоа, во текот на истрагата беа потврдени сомненијата дека лицата се инволвирани во набавка и продажба на наркотична дрога, пред сè кокаин, но и марихуана, на лица, заинтересирани купувачи на територијата на Куманово, но и на територијата на Скопје, а претресите во текот на завчерашниот ден беа уште еден начин за прибирање на материјални докази.

Имено, по претходно добиени информации дека лицата опфатени во истрагата преземаат активности поврзани со криумчарење и пренесување на нелегална стока од територијата на нашата држава до територијата на Р.Косово, преку зелениот појас на граничната линија, во пределот на Граничниот премин Белановце, во соработка со надлежните служби од косовска страна на 02.11.2021, во близина на с.Жегра во Косово, е сопрено товарно возило „комбе“, во кое се пронајдени 190 кг различни видови медикаменти во вид на таблети. Истрагата за осомничените  лица продолжи, по што на 05.11.2021, по претходно добиени информации дека осомничените се подготвуваат да преземат активности на Меѓународниот аеродром Скопје, при што лицата презеле пратка, како резултат на активностите на полициските службеници на МВР, во непосредна близина на Меѓународниот аеродром Скопје запрено е товарно возило „комбе“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице кое е во роднинска врска со двајцата осомничени полициски службеници , додека еден од полициските службеници опфатени во истрагата имал улога да биде „чистач“, односно да го обезбедува  возилото со пратката во него. Под сомнение дека со комбето се пренесува стока преземена од Меѓународниот аеродром Скопје, поточно од карго терминалот, за која осомничените немаат соодветна документација, од страна на полициски службеници надлежни за истрагата, побарана е асистенција од Царинската управа, со цел проверка на стоката која лицата ја презеле од карго терминалот. Од страна на Царинската управа испратен е тим од царински службеници од Секторот за контрола и истраги, кои по доаѓање на лице место не ги преземале потребните мерки согласно нивните законски надлежности со цел да извршат контрола на стоката, туку ги информирале полициските службеници дека од извршената контрола не се констатирани неправилности, односно сè е во ред со стоката, а царинските давачки се уредно платени. Тие, под изговор дека ќе ја однесат стоката на дополнителна проверка и физичка контрола во царински терминал на подрачјето на Куманово, со службено царинско возило, „чистејќи“ го патот, го предводеле натовареното комбе до крајната дестинација – приватен имот во домот на еден од осомничените, каде што се чувала стоката. Откако царинските службеници од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа со стоката пристигнале во домот на осомничените лица, тие си заминале кон Скопје, а од страна на полициските службеници комбето е затекнато во двор од куќа на еден од осомничените и по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Куманово, извршен е претрес во возилото и во куќата. При претресот било утврдено дека во возилото има 13 големи кутии, во кои вкупно има 1.555.600 таблети без фабричко пакување и без упатство,  од египетска фирма. Притоа, фактурата согласно декларацијата, според која станува збор за галантерија за мобилни телефони и компјутери, за која биле платени давачките од страна на шпедицијата изнесува околу 3.500 долари, но по извршена дополнителна проценка од страна на Царинската управа, утврдено е дека станува збор за производи надвор од декларацијата –  таблети псеудоефедрин, во проценета вредност од над 100.000 долари.Од страна на полициски службеници на лице место бил повикан и инспектор на „Малмед“, со цел да се извршат проверки во однос на пронајдените таблети, при што е утврдено дека таблетите не се регистрирани во нашата држава, за нив нема одобрение за пуштање во промет, но ни дозвола за интервентен увоз за овие медикаменти, што значи дека тие се незаконски влезени и се нелегални за нашиот пазар. Тоа едноставно би значело дека самиот влез на овие таблетки на нашиот пазар претставува кривично дело.

” Почитувани претставници на медиумите,

И веројатно тука, сосема логично, па и крајно легитимно би било прашањето зошто едноставно не сме ги уапсиле инволвираните и да се заврши целата постапка. Морам да потенцирам дека станува збор за истражни дејствија кои се водат по насока на Јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење на овластени службени лица во рамки на Јавното обвинителствоза гонење на организиран криминал и корупција. Тоа подразбира конкретни и прецизни насоки на кои одговараат  конкретни постапувања за да имаме целосен резултат. Тоа значи обезбедување на  материјални докази, не само за полициските службеници, туку и за други овластени службени лица, со цел утврдување на комплетната група инволвирана во активностите на криумчарење и нелегално пренесување на ваков тип прекурсори. Тоа се постапки кои може да траат неколку дена, но и неколку месеци, па и години ако е потребно – сè со цел сите инвлвирани да ги изнесеме пред лицето на правдата!

Бидејќи токму од моментот на извршената заплена на таблетите, од истиот тој момент започнуваат интензивните детални проверки од страна на Одделот за криминалистичка полиција  заедно со Секторот за контрола и истраги од Царинската управа, а во координација со Јавен обвинител, со цел утврдување на улогата и инволвираноста на царинските службеници во овие криминални дејствија. Притоа, извршени се разговори со царински службеници, обезбедени се докази за нивната инволвираност, обезбедени се дополнителни докази. Искористена е и зајакнатата меѓународна соработка, па како резултат на тоа, МВР заедно со австриската полиција на аеродромот во Виена запре огромна пратка од 2,2 тони од ист тип на медикаменти, кои во суштина претставуваат прекурсори, а чија крајна дестинација беше Скопје.

Она што во моментов можеме да го кажеме е дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и обезбедување на дополнителни докази за расчистување на кривичното дело и обезбедување на дополнителни докази за инвлвираност на други лица во истрагата.

Ова се накусо моментите кои можеме да ги споделиме, затоа што, како што реков, истрагата продолжува и понатаму. Во кратки црти се обидовме да ви покажеме што МВР во координација со обвинителството успеа да обезбеди како материјални докази, со цел да ја докажеме инволвираноста на овластени службени лица во овој меѓународен канал на криумчарење на наркотична дрога и прекурсори. Можеби дел од вас ќе се запрашаат зошто ги објаснив, макар во куси црти, најважните моменти од овој успешно пресечен меѓународен канал. Затоа што, прес-конференциите и шпекулациите од страна на една политичка партија, за дневно политички поени, имаше за цел да ја уништи истрагата. МВР работи врз основа на материјални докази. Тоа е цел и на обвинителството. Основата не можат и не смеат да бидат рекла-казала муабети, истрагата не се темели врз шпекулации. Со тоа само се станува соучесник во криминалот. Досега во повеќе наврати сум споменал дека изнесувањето на елементи од истрагата кои, главно се базираат на шпекулации, а не на докази, само наштетуваат на самата истражна постапка. МВР по којзнае кој пат во последниов период покажа дека има и капацитети, и професионалци за успешно да се бори со криминалот. Притоа има нулта толерација за корупцијата! Паралелни истраги од страна на аматери не само што не се потребни, туку и штетат и им помагаат на криминалците да се извлечат. Toa се класични обиди за саботажа! Затоа и велам, тоа ги прави соучесници во делото. За таа цел МВР во претходниот период, во врска со оваа голема операција, во неколку наврати испрати известување до ОЈО за овие активности и очекувам да се бара одговорност за ваквите постапки” -изјави министерот Оливер Спасовски.

image01
image01

By Author