Синдикатите, работодавачите и Владата и денеска не се договорија за зголемувањето на минималната плата.
Заеднички е оценето дека постоечкиот модел на усогласување на минималната плата не е добар за ниту една страна. Од Владата најавуваат дека ќе го разгледаат новиот предлог на Бизнис конфедерацијата за да се субвенционира зголемувањето на минималната плата од страна на државата по што следната недела повторно се очекува да продолжат разговорите.
Предлогот на Бизнис конфедерацијата ќе биде разгледан во понеделник на седница на Економскиот совет при Владата.
Работодавачите сметаат дека нивниот модел е најприфатлив. Според нивните пресметки, минималната плата би требало да изнесува нешто над 16.300 денари.
Тие имаа две барања – едното е поддршка на 50 отсто на бруто зголемувањето или поддршка на нето платата која ќе биде зголемена. Дале предлог во кој, покрај измена на критериумите за усогласување на минималната плата, се бара и обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од државниот буџет. По овој предлог, ќе се прави дополнителна анализа во Владата, со цел да се утврдат фискалните импликации кои би ги предизвикало предложеното решение.
Од ССМ велат дека се разочарани затоа што нема поддршка за нивниот предлог минималните примања да се утврдат на сумата од 18.000 денари, но и од предлогот на работодавачите, кои „денеска се дрзнале тие да добијат повластици од Владата“.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека преговорите продолжуваат, како и дека постоечкиот модел за пресметување на минималната плата е неприфатлив за сите страни.
Синдикатите денеска организираа протесна блокада во Скопје. За 10 февруари, за кога е закажана собраниската седница на чиј дневен ред е предлог-законот за измени на Законот за минимална плата, најавија поголем протест пред Собранието.