На 20.04.2021 во 13.10 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Карпош го лишиле од слобода А.К.(27) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 20.04.2021 во 13.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во Градскиот парк го лишиле од слобода К.А.(22) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 20.04.2021 од полициски службеници од ОВР Кавадарци биле лишени од слобода пет државјани на Република Албанија, затоа што при претходна контрола од Државен трудов инспектор на градилиште на фирма од Кавадарци било констатирано дека извршуваат работни задачи без работни дозволи и без регулиран престој. Од страна на Судија на претходна постапка на сите им се изречени парични казни и мерка протерување и забрана за влез во Република Северна Македонија во траење од пет години.
На 20.04.2021 во 19.15 часот во СВР Охрид, Е.Т.(49) од Струга пријавил дека околу 19.00 часот, додека С.Р.(34) и Ј.Р.(39), двајцата од Битола, со привремено живеалиште во Струга, биле во неговиот стан, каде биле присутни уште неколку лица, по претходна расправија, Ј.Р. со нож ја нападнал неговата сопруга С.Р. и ѝ нанел повреди. Според пријавеното, тој се обидел да побегне, но бил спречен, по што со ножот сам се повредил. Од екипа од Итна медицинска помош била констатирана смрт кај С.Р., а Ј.Р. бил префрлен во Медицински центар Струга за укажување на лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициска станица Струга. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатата било дадено за обдукција.
На 20.04.2021 во 21.00 часот во Полициската станица Аеродром, Д.Т.(26) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.
На 20.04.2021 во СВР Велес било пријавено дека на 17.04.2021 околу 16.00 часот на ул.„11 Октомври“ во Велес 12-годишна малолетничка физички нападнала малолетно девојче на возраст од 11 години. Исто така, било пријавено дека на 18.04.2021 околу 15.00 часот на ул.„11 Октомври“ истата малолетничка физички нападнала друга малолетничка од Велес. Во врска со настанот, во полициска станица, во присуство на родител и социјален работник, бил извршен разговор со малолетното девојче, како и со уште една малолетничка која учествувала во настаните. Се преземаат и дополнителни мерки и по целосно документирање на случајот во координација со Центарот за социјални работи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и пријава против родителот С.И.(39) од Велес поради негрижа за дете.
На 21.04.2021, во 00.10 на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Т.М.(28) и Б.Ц.(30) од Република Албанија, кои непријавено престојувале на подрачјето и ја прекршиле забраната за движење. Двајцата албански државјани се задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.
Секторот за внатрешни работи Струмица во текот на 20.04.2021 спроведе засилени контроли во областа на сообраќајот. Притоа, биле констатирани 29 прекршоци, од кои 17 за возачи кои управувале возила со брзина поголема од дозволената. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.
На 20.04.2021 СВР Штип спроведе акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 33 мерки, меѓу кои 21 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 7 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 1 за непрописно паркирање.
На 19.04.2021 во 23.15 часот било пријавено дека на локалниот пат с.Драгоманце-с.Арбанашко, во атар на с.Кокино, општина Старо Нагоричане, во непосредна близина на пат кој води за место викано Опсерваторија – с.Кокино, патничко возило „фолксваген голф“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(44) од с.Арбанашко, излетало од коловозот. На местото на незгодата починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.
На 20.04.2021 во 09.50 часот во Полициското одделение Мирковци, Ќ.Ј.(34) од Скопје пријавил дека во с.Горњани бил каснат од куче скитник.