Кривична пријава против 3 лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“
Одделението за внатрешни работи Гевгелија до Основно јавно обвинителство Гевгелија поднесе кривична пријава против У.В. (61), П.Б. (48) и М.П. (53) сите од Гевгелија, поради постоење на сомнение дека во периодот од 2014 до 2017 година, како вработени во Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво според член 353 став 3 в.в. со став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
У.В., која во наведениот период била директор на Јавното претпријатие, пропуштајќи да бидат наплатени долгови за извршени услуги од Јавното претпријатие, направени од страна на физички и правни лица од општина Гевгелија, с.Стојаково и с.Селемлија, сторила повреда на повеќе одредби од законски и подзаконски акти и договори.
П.Б., кој во споменатиот период бил раководител на Сектор за комерција и односи со корисници при Јавното претпријатие, не изготвувал месечни извештаи за тоа кои корисници на услуги да бидат предупредени или тужени и не ги предавал на првоосомничената како директор, заради носење на конечна одлука. Во периодот до 16.05.2016 година П.Б. не водел сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред тие да застарат, поради што било пропуштено да биде наплатен долгот од корисниците на услугите.
М.П. во својство на службено лице, раководител на сектор за општи и правни работи и човечки ресурси, во периодот од 17.05.2016 година до 31.12.2017 година не водела сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред да застарат, а дополнително, во содејство со П.К., ја злоупотребиле својата службена должност, така што по претходно дадена согласност од првоосомничената, селективно одлучувале кои физички и правни лица да бидат опоменати и тужени, при што пропуштиле да спроведат постапка за присилна наплата на долг од корисници.
Со овие дејства осомничените, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овлстување, причиниле вкупна материјална штета во висина од 6.114.969 денари на штета на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија, како и друга дополнителна материјална штета на претпријатието.
Санкционирани 84 возачи поради непрописно престигнување
На 28.11.2021 во периодот од 12 до 16 часот, спроведена е акциска контрола за санкционирање на непрописно престигнување на територијата на целата држава, во рамките на која вкупно биле санкционирани 84 прекршоци, од кои најголем број на територија на СВР Тетово-39 . Прекршоците се санкционирани со адекватни поднесоци. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
91 санкции за брзо возење на автопат Велес – Скопје – Куманово
Денеска (28.11.2021) Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе зајакната акциска контрола на автопатот Велес – Скопје – Куманово за санкционирање на возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 91 возачи. Од нив, 18 возилa се движелe со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Приведен криминалец баран со потерница
Денеска (28.11.2021) во 13.30 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на ул.Јужноморавски бригади во Скопје го привеле И.М. (26) од Сингилиќ, кој се барал со потерница од Основен суд Скопје 1 за издржување мерка притвор, а во врска со член 418Б.
Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено поправна установа.
Приведени 3 лица за неовластено држење на оружје
На 28.11.2021 од страна на полициски службеници од ОВР Кочани лишени се од слобода Б.Д.(31) од с.Бања, И.Ј.(41) од с.Чешиново, Општина Чешиново – Облешево и Д.Д.(25) од с.Бања, кочанско.
Имено, по претходно добиени сознанија дека на подрачјето на Кочани се вршат прекршоци по чл.80 од Законот за оружје и кривични дела во врска со неовластено држење на оружје по чл.396 од Кривичниот законик, при извршена контрола од страна на полициски службеници, кај Б.Д. била пронајдена и одземена ловечка пушка сопственост на С.М. од Кочани, кај И.Ј. биле пронајдени и одземени две ловечки пушки и Д.Д. кој недозволено поседувал оружје.
По документирање на случајот против Б.Д. и Д.Д. ќе бидат поднесени кривични пријава по чл.396 од Кривичниот законик, а против И.Ј. и С.М. ќе бидат поднесени прекршочни пријава по чл.80 ст.1 од Законот за оружје.