На 08.05.2021 во 19.15 часот на Граничниот Премин Табановце, на излез од Република Северна Македонија, од полициски службеници бил лишен од слобода М.Р.(21) од Скопје, затоа што бил евидентиран во „Стоп листата“, поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „тешка кражба“, превидено и казниво по чл.236 од Кривичниот законик. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Скопје за понатамошна постапка.
На 08.05.2021 на подрачјето на СВР Скопје, во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, изречени се вкупно 121 меркa, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 64, седум за возење без возачка дозвола, 4 прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, пет санкции за користење мобилен телефон, две за минување на затворен сигнал (црвено светло), една санкција за некористење сигурносен појас и 24 за непрописно паркирани возила.
На 08.05.2021 во 16.50 часот било пријавено дека на автопатот Скопје-Штип, во близина на клучка Коњари, патничко возило „нисан навара“, со скопски регистарски ознаки, излетало од патот. С.О.(27) од с.Елово, починал на местото на незгодата, а С.А.(37) од с.Долно Количани се здобил по тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники “Мајка Тереза“. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
На 08.05.2021 на подрачјето на СВР Штип спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 106 возачи. Од нив 11 се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. На сите прекршители им се изготвени соодветни поднесоци.
На 08.05.2021 во 22.25 часот било пријавено дека на регионалниот пат с.Зрновци-с.Грдовци, во близина на мостот на р.Брегалница, патничко возило „цитроен“, со кочански регистарски ознаки, управувано од А.М.(31) од нас.Оризари, излетало надвор од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката В.С.(21), а со телесни повреди се здобиле уште две сопатнички А.А.(23) и Д.С.(25), сите три од Кочани, констатирани во Општата болница Кочани. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Кочани.
На 08.05.2021 на подрачјето на СВР Битола спроведена е засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што биле санкционирани 85 возачи. Од нив 54 возачи ја пречекориле брзината надвор од населено место и 31 во населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
На 08.05.2021 во 10.20 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосницата од ул.„Македонски војски“ и ул.„Ѓорче Петров“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „дачија логан“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.А.(56) од Скопје и мопед „јонвеј“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Љ.Т.(64) од Скопје. Во незгодата возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
На 08.05.2021 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода С.К.(52) од Скопје пријавила дека во с.Долно Соње била касната од куче скитник.