Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека војната во Украина мора да заврши пред НАТО да размисли за членство на Киев во Алијансата.

Бајден следната недела ќе учествува на самитот на НАТО во Литванија, каде војната меѓу Русија и Украина, како и напорите на Киев да се приклучи кон Северноатлантската алијанса, ќе бидат една од клучните теми, пренесува Танјуг.

Пред тоа патување, Бајден во петокот во интервју за Си-Ен-Ен рече дека руската агресија во Украина мора да заврши пред Алијансата да размисли за прифаќање на Киев во своите редови.

Тој најави дека, иако членството на Украина во НАТО е прерано, САД и нивните сојузници ќе продолжат да му даваат на Киев поддршката и оружјето што му се потребни во конфликтот со Русија.

„Не мислам дека во НАТО постои согласност околу прашањето дали Украина да се внесе во семејството на НАТО сега, во овој момент, додека трае војната“, рече Бајден.

Тој објасни дека НАТО е решен да ја брани секоја педа од територијата што им припаѓа на земјите-членки и дека приемот на Киев додека трае конфликтот на територијата на Украина практично ќе ја доведе Алијансата во конфликт со Русија.

„Тоа е обврска што сите ја презедовме, без разлика на се. Ако војната е во тек, тогаш сите сме во војна. Во тој случај би биле во војна со Русија“, нагласи Бајден.

Тој изјави и дека одлуката за првпат на Украина да и се обезбеди касетна муниција е „тешка“, но дека донел таква одлука бидејќи на Киев му е потребна муниција во контраофанзива против Русија.

By Author