Во Кина избувнаа протести за прв пат по неколку децении, поради драстичните мерки за коронавирусот. Демонстрантите масовно се судрија со полицијата, а главното барање е заминување од власт на Комунистичката партија и Кси Џинпинг, кого граѓаните го обвинуваат за практично тригодишниот карантин.
Бранот на граѓанска непослушност е без преседан во континентална Кина во последната деценија, бидејќи фрустрацијата расте поради политиката на претседателот за нулта ковид, речиси три години по пандемијата.
Протестите против строгите правила на Ковид во Кина беа обележани со празни бели хартии што ги носеа демонстрантите, што доведе до тоа демонстрациите да бидат наречени „револуција на белата хартија“ или „револуција А4“. Хартијата на која нема ништо напишано не е случајност – со неа демонстрантите јасно им даваат до знаење на властите дека не можат да ги цензурираат.
Демонстрантите и полицијата се судрија во Шангај во неделата вечерта, и покрај тоа што беа насилно отстранети од полицајците користејќи бибер спреј само неколку часа претходно.
Би-би-си јавува дека полицијата во Шангај уапсила најмалку две лица во понеделникот, откако протестите продолжиле втора ноќ по ред.
БиБиСи: Наш новинар уапсен и претепан во Шангај
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си синоќа објави дека кинеската полиција нападнала и привела еден од нивните новинари кој известувал за протестите во Шангај, но дека тој бил ослободен неколку часа подоцна.
„Би-Би-Си е крајно загрижен за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и со лисици на рацете додека известуваше од протестите во Шангај“, изјави портпаролот на британскиот јавен сервис, пренесе Ројтерс.
Се додава дека тој бил задржан неколку часа во притвор пред да биде ослободен.
„За време на апсењето, полицијата го претепа. Сето тоа се случи, иако тој имаше акредитација“, додаде портпаролот.
Британскиот јавен сервис соопшти дека не добил официјално објаснување за приведувањето на новинарот.
Кина ги објави причините за протестот
Причина за протестите во Кина е смртоносниот пожар во регионот, а демонстрантите тврдат дека на луѓето не им било дозволено да ја напуштат запалената зграда поради мерките за ковид. Сепак, официјална Кина тврди дека за се се виновни „силите со задни намери“.
„На социјалните мрежи има сили со задни намери, тие го поврзуваат пожарот со локалната реакција на Ковид“, велат од МНР.