Самуел Банкмен Фрид основачот на FTX, неуспешна услуга за тргување со криптовалути, е уапсен на Бахамите и американските федерални обвинители поднеле кривична пријава против него во Њујорк.
– Претходно вечерва, властите на Бахами го уапсија Самуел Банкмен Фрид, на барање на Владата на америка, на запечатено обвинение – напиша на Твитер обвинителот Демијан Вилијамс.
Содржината на обвинението не беше откриена, но бахамската полиција во соопштението наведе дека Банкмен Фрид е уапсен за разни финансиски кривични дела против американските закони, кои исто така се кривични дела и според законот на Бахамите. Тој ќе се појави пред локалниот суд во вторник.
FTX беше глобална компанија со повеќе од 130 подружници која им дозволуваше на индивидуалните инвеститори да тргуваат со криптовалути и во еден момент беше трета по големина во светот. Рекламите на компанијата прикажуваа познати личности, а нејзиното лого ја красеше фасадата на НБА арената на Мајами Хит и беше на униформите на судиите во MLB (Американската национална безбол лига).
Банкмен Фрид првично требаше да се појави на сослушување во Конгресот во вторникот наутро, но тоа нема да се случи сега, рече Максин Вотерс, претседателка на Комитетот за финансиски услуги на Претставничкиот дом. Таа изрази изненадување од „тајмингот“ на апсењето:
– Изненаден сум кога слушнав дека Банкмен Фрид е уапсен на Бахамите на барање на американските обвинители. Време беше да го изведеме пред лицето на правдата, но како што знае јавноста, јас и мојот тим работевме напорно изминатиот месец за да го обезбедиме сведочењето на г-дин Банкмен Фрид, рече таа, а потоа додала:
– Додека господинот Банкмен Фрид мора да одговара за она што го направил, американската јавност заслужува директно да слушне од него за дејствијата кои нанесоа штета на повеќе од милион луѓе и ги збришаа животните заштеди на многу луѓе. Јавноста со нетрпение чекаше да ги слушне овие одговори пред Конгресот, а тајмингот на ова апсење ќе им ја ускрати на луѓето таа можност.
Банкмен Фрид неодамна во твит вети дека ќе се обиде да објасни како точно се случил колапсот на FTX.
– Се уште немам пристап до моите податоци, лични или деловни. Значи, има ограничување на она што ќе можам да го кажам и нема да бидам толку корисен како што би сакал да бидам. Но, ќе се обидам да бидам од помош во сведочењето – напиша тој.
Банкмен Фрид поднесе оставка како директор на FTX на почетокот на ноември, а компанијата банкротираше бидејќи не можеше да ги плати сите клиенти кои го бараа. Повеќе од милион корисници се погодени од ова.
(USA Today)