Единицата за корупција во Сектор за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четворица затворски полицајци, командир и надзорници, вработени во КПУ Идризово и тоа: С.Д. (50), Т.А. (34) И.А. (49) и Т.П. (47) за сторено кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ. Тие на 12.01.2023, спротивно на законот, го ослободиле лицето Б.М. – осудено за кривично дело по член 123 – убиство, кое им било доверено на чување и му помогнале да побегне.
Имено, на 12.01.2023 околу 22.50 часот осудениот Б.М., планирано и во договор со затворските полицајци и лица од надвор, се повредил така што си нанел расокотина на левата дланка, по што бил однесен во домската амбуланта, од каде било дадено препорака Б.М. да се пренесе во Клинички центар „Мајка Тереза“-Ургентен центар со цел санирање на повредата. За настанот бил запознат дежурниот командир на смена, првопријавениот С.Д., кој наредил да се изготви наредба за спровод од КПУ Идризово до Клинички центар „Мајка Тереза“ за осуденото лице од страна на затворските полицајци Т.А., И.А., Т.П. и И.Х..
Кривичното дело е извршено на начин што осомничените свесно и со намера да му овозможат бегство на осуденото лице кое го спроведувале, го седнале во средниот ред на службеното возило, а не според стандардните оперативни процедури за спровод на осудени лица во посебниот дел од возилото наменет за тоа. Потоа, еден од затворските полицајци воопшто не носел службено оружје иако морал да носи, а иако на осуденикот му било ограничено движењето на рацете со средства за врзување, сепак му било овозможено да пристапи до службениот пиштол на еден од затворските полицајци, со кој испукал еден куршум. Иако намерата за пукањето со пиштолот во кровот на возилото била да го оправда овозможувањето на бегството од страна на затворските полицајци, зрното од куршумот се одбило од кровот и случајно го погодило затворскиот полицаец И.Х. во долниот дел од стомакот. Наведените противзаконски дејствија се извршени откако службеното затворско возило било пресретнато и му било попречено движењето од страна на друго возило марка „ауди“ и притоа овластените службени лица за спровод – затворските полицајци не преземале никакви дејствија во однос на присилното нивно запирање, а осуденото лице по настанот влегло во возилото „ауди“ и заминало од лице местото. Од страна на затворските полицајци, иако дел од нив биле вооружени, не се преземени никакви дејствија за спречување на бегството.
Повредениот затворски полицаец И.Х. е пренесен во болница за укажување на лекарска помош.
Соопштуваат од МВР.