Рускиот претседател Владимир Путин вечерва телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, порачувајќи им дека „во блиска иднина“ има намера да потпише указ за признавање на Народните републики Доњецк и Луганск, соопшти прес-службата на Кремљ. Наскоро се очекува телевизиско обраќање на рускиот претседател.
Претходно, на вонредната седница на Советот за безбедност, Путин најави дека одлуката за признавање на независноста на ДНР и ЛНР ќе биде донесена до крајот на денот.
Претходно, министрите за надворешни работи и за одбрана на Русија, Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу гласаа за признавање на двете самопрогласени републики, а истото мислење го дадоа и другите членки на Советот за безбедност на Русија.
Рускиот претседател денеска им соопштил на претседателот на Франција, Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, дека има предвид дека наскоро ќе го потпише указот за Донбас, соопшти Кремљ.
Се наведува дека лидерите на Франција и Германија изразиле разочарување во тој поглед.
Ситуацијата на контактната линија во Донбас ескалира утрото на 17 февруари. Самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск најавија најинтензивно гранатирање од Украина во последните месеци.
Во петокот, на 18 февруари, лидерите на ЛНР и ДНР најавија евакуација на жителите од тие региони во Русија поради закана од вооружени напади, а во саботата започна општа мобилизација во републиките.
Претходно денеска лидерите на ДНР и ЛНР апелираа до претседателот на Русија да ја признае независноста на самопрогласените републики.
Последните денови ситуацијата меѓу Русија и Украина ескалира, а во исто време има драматични изјави на западните сили дека руската инвазија на Украина е прашање на време и дека се подготвува целосен напад.
Американските медиуми објавија дека САД имаат разузнавачки податоци кои укажуваат дека на руските команданти им биле издадени наредби за напад на Украина. Извори на Си-Ен-Ен предупредија дека наредбата секогаш може да се повлече и дека тоа би можело да биде дезинформација која била проширена со цел да се збунат и заблудат САД и нивните сојузници.