Адвокатот на американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потврди дека во четвртокот во куќата на претседателот во Вилмингтон, во државата Делавер, биле откриени уште пет страници означени како доверливи и веднаш се предадени на Министерството за правда на САД.
Ричард Заубер, правен советник на Бајден, рече дека тој во четвртокот отпатувал во домот на Бајден во Вилмингтон за да го олесни процесот на предавање доверливи документи, пренесува Ројтерс.
Адвокатскиот тим на Бајден еден ден претходно објави дека во неговиот дом во Делавер се пронајдени повеќе доверливи документи од времето кога тој беше американски потпретседател во администрацијата на Обама, како и документи од гаражата во семејната куќа на Бајден.
Доверливи документи беа пронајдени минатата недела во поранешната потпретседателска резиденција на Баједен, како и во канцеларијата што ја користел во Вашингтон.
Американското Министерство за правда во петокот објави дека ќе назначи специјален обвинител кој ќе ја надгледува истрагата за т.н. Документите на Бајден.
Републиканците се обидоа да направат споредба меѓу истрагата за доверливите документи на Бајден и тековната истрага против поранешниот претседател Доналд Трамп откако тој ја напушти функцијата, иако правните експерти велат дека случаите не се исти.
Новинар го праша Бајден дали е паметно да се чуваат доверливи документи во гаражата, а претседателот одговори дека неговиот автомобил Шевролет Корвета и документите се во заклучена гаража.
– Тоа не е исто како да се на улица. Луѓето знаат колку сериозно се однесувам кон доверливите документи – рече Бајден.
Претходно оваа недела, републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес испратија писмо до Белата куќа во кое бараат да се утврди дали синот на американскиот претседател Џозеф Бајден Хантер имал пристап до доверливи документи кои биле пронајдени во семејната куќа на американскиот претседател.