Бакингемската палата се уште не објави кои членови на кралското семејство и владини претставници ќе присуствуваат на погребот
Синот на кралот Чарлс Трети, принцот Хари нема да смее да носи свечена воена униформа за време на погребот на кралицата Елизабета Втора, но поради принцот Ендру овој пат ќе биде направен исклучок, јавуваат британските медиуми.
Извори блиски до кралското семејство соопштија дека од посебни причини на војводата од Јорк ќе му биде дозволено да присуствува на сите церемонии за време на погребот на кралицата Елизабета Втора во воена униформа.
– Разбирам дека Хари, за разлика од принцот Ендру, нема да смее да носи униформа за време на церемонијата во Вестминстерската палата. Ова е голема неправда кон војводата од Сасекс кој помина десет години во служба – напиша на Твитер новинарот Омид Скоби, кој е близок пријател на Меган Маркл.
Телото на кралицата Елизабета ќе биде изложено во Вестминстерската палата од утре попладне до нејзиниот погреб, пишува Daily Mail.
Бакингемската палата се уште не објави кои членови на кралското семејство и владини претставници ќе присуствуваат на погребот. Она што засега е познато е дека Русија, Мјанмар и Белорусија нема да добијат покана.
Принцот Ендру на почетокот на годината се најде во центарот на вниманието на британската јавност кога неколку девојки го обвинија за сексуална злоупотреба и педофилија.
Тој во февруари годинава уплатил сума од еден милион на сметката на фондацијата Вирџинија Џуфр, која го тужела дека ја злоставувал пред да порасне. На овој начин тој избегна спорот да заврши на суд.
По овие обвинувања тој беше принуден да се повлече од сите кралски должности и оттогаш ретко се појавува во јавноста.
Од друга страна, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се откажаа од кралските должности во февруари минатата година, а не долго откако се преселија во Калифорнија.
Двајцата минатата година и дадоа шокантно интервју на Опра Винфри во кое упатија низа обвинувања против кралското семејство. По тоа интервју односите меѓу принцот и останатите членови на кралското семејство дополнително се заладија.
Хари пристигна во замокот Балморал во четвртокот, но за жал не успеа да се збогува со својата баба, која во меѓувреме почина.