Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој посочи дека мировните преговори треба да бидат насочени кон создавање граници долж „линијата на поделба“ во Донбас, која постоеше пред рускиот напад врз Украина.
Кисинџер зборуваше преку видео врска на Светскиот форум во Давос, објави Си-Ен-Ен.
Зеленски во средата одговори дека „без разлика што прави руската држава, некој секогаш ќе дојде и ќе рече: „да ги земеме предвид нивните интереси“.
– Годинава во Давос тоа го слушнав повторно и покрај тоа што илјадници руски ракети ја погодија Украина. И покрај десетиците илјади Украинци кои беа убиени. И покрај (масовно убиство) во Буча и Мариупол. И покрај уништените градови. И покрај „логорите за чистење“ направени од руската држава, каде што убиваат, мачат, силуваат и понижуваат како на подвижна лента, рече Зеленски.
Тој додаде дека Русија и го направила тоа „на цела Европа“.
– Меѓутоа, на пример, во Давос господинот Кисинџер излегува од длабокото минато и вели дека дел од Украина треба да и се даде на Русија, рече Зеленски.
Кисинџер претходно изјави дека преговорите треба да почнат во следните два месеци, пред конфликтот да создаде такви пресврти и тензии кои нема да бидат лесно да се надминат.
– Идеално, линијата на поделба треба да се врати на статус кво пред конфликтот, рече Кисинџер, очигледно сугерирајќи дека Украина треба да се согласи да се откаже од поголемиот дел од Донбас и од целиот Крим.
Зеленски ги спореди ставовите на Кисинџер со оние на нацистичка Германија во 1938 година.
– Се чини дека календарот на Кисинџер не е 2022 година, туку 1938 година, а тој мислеше дека зборувал пред публиката во Минхен, а не во Давос. Инаку, во 1938 година, кога семејството на Кисинџер избега од нацистичките Германци, тој имаше 15 години, додаде Зеленски.