Страшното невреме „Малик“, кое зафати голем дел од Европа, однесе повеќе животи, го блокираше сообраќајот и остави стотици илјади домаќинства без струја.
Во северниот дел на Полска, 27-годишен маж загинал кога дрво паднало врз неговиот автомобил, а во несреќата едно лице е повредено.
Пожарникарите извадиле паднати дрвја од патиштата низ Полска, а според владините податоци околу 680.000 домаќинства останале без струја поради оштетените далноводи, јавуваат полските медиуми.
Во Чешка се урна ѕид висок пет метри во индустриската зона во Велке Приточни, западно од Прага, при што беа затрупани двајца работници. Еден од работниците починал на лице место, а другиот со скршеници е пренесен во болница.
Во центарот на Данска жена (78) настрадала во налет на силен ветер кога ја отворила вратата, соопшти полицијата.
Шведската и данската метеоролошка служба предупредија на покачување на нивото на водата и изјавија дека ветерот ја добил јачината на ураганот во текот на ноќта.
Шведските сообраќајни власти ги советуваа жителите да избегнуваат движења кои не се неопходни за време на викендот поради откорнати дрвја и предмети што ги носи ветерот.
Во Малме на југот на Шведска, спасувачката служба побара од јавноста да се оддалечи од облакодерите бидејќи некои делови од нив се оштетени во невремето може да паднат на земја. На југот и центарот на Шведска, десетици илјади жители останаа без струја, соопштија електричните компании.
Две лица загинаа, а околу 80.000 потрошувачи останаа без струја поради ударот на невремето „Малик“ во делови од Британија.
Деветгодишно момче и жена (60) загинаа поради паднати дрвја поради силниот ветер.
Претходно вчера германската полиција соопшти дека пешак загинал од урнатини кои паднале од зградата на патот.
Изборен плакат падна врз маж во Белица, југозападно од Берлин, изјави портпаролот на локалната полиција. Несреќата се случила во саботата по 22 часот, кога во текот на ноќта се засилило невремето познато во Германија како „Надија“, а во светот како „Малик“.
Невремето ги погоди крајбрежните области во северна Германија во текот на ноќта, попречувајќи го сообраќајот и предизвикувајќи поплави во Хамбург,нивото на реката Елба се зголеми за 5,2 метри од нормалното, соопштија службите за вонредни состојби.
Германската метеоролошка служба предупреди на урагански ветер на север, кој може да достигне брзина од речиси 100 километри на час.