Залутан куршум рано утринава усмрти англиски астрофизичар додека лежел во кревет во стан во американскиот град Атланта, а полицијата констатирала дека неговата смрт е последица на „несовесно пукање на поединци“.
Станува збор за Метју Вилсон (31) од англискиот град Черси, кој настрадал од куршум кој го погодил во главата, соопшти локалната полиција од Брукхејвен.
Вилсон бил во посета на девојката, Кетрин Шеферд, која за телевизијата WSB изјави дека куршум го пробил ѕидот на нејзиниот стан од соседството.
“Се сеќавам дека парче од ѕидот ме удри во ногата. Го вклучив светлото, погледнав наоколу и Метју падна пред мене. Видов дека е погоден во главата. Го држев уште 20 минути додека ја чекавме Брза помош. Додека чекавме, се слушаше пукање“, рече таа.
Вилсон бил префрлен во болница каде била констатирана смрт, а засега никој не е уапсен.