Третата рунда мировни преговори меѓу руската и украинската делегација заврши во Белорусија со „мал, позитивен развој“ во контекст на хуманитарните коридори, пренесува Ројтерс.
Руската новинска агенција ТАСС јави дека украинската делегација пристигна во Беловежскаја Пушча во Белорусија, на границата со Полска, со два хеликоптери на разговори со руската делегација, додека руската делегација пристигна на местото на преговорите порано денеска.
Советникот на претседателот на Украина Михаило Подољак претходно изјави дека членовите на делегациите нема да ги претстават предложените услови пред да се договорат „заедничките позиции“.
Руската и украинската делегација досега имаа две рунди разговори во Белорусија.
Помошник на рускиот претседател Владимир Медински, кој ја предводи руската делегација, претходно изјави дека Русија е подготвена да не штеди време за разговори со украинската страна во обид да се постигне договор.
Украинскиот преговарач Михаило Подољак по денешната рунда мировни преговори потврди дека е постигнат „мал напредок“ во подобрувањето на логистиката на хуманитарните коридори, но исто така рече дека преговорите не ја подобриле целата ситуација.
„Третата рунда преговори е завршена. Има мали позитивни чекори за подобрување на логистиката на хуманитарните коридори… Продолжија интензивните консултации за основниот политички блок на регулативи, со прекин на огнот и безбедносни гаранции“, рече советникот на претседателот на Украина Михаило Подољак.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија „во ниту еден момент“ не може да ги прекине операциите додека Украина не ги исполни руските услови. Песков рече дека Украина мора да го признае Крим како руски, а Доњецк и Луганск како независни држави.