Вулканот Фуего се активираше во Гватемала, објави Националниот институт за сеизмологија, вулканологија, метеорологија и хидрологија.

„Прогласена е еруптивна активност, вулканот исфрла дебели столбови од пепел и пирокластични текови кон клисурата Лас Лајас“, се вели во соопштението.

Облакот генериран од овој пирокластичен тек е жежок и може да доведе до паѓање на пепел на населбите на западните и југозападните падини на вулканот и да го наруши воздушниот сообраќај.

„Пепелта е на височина од 8.000 метри надморска височина и се движи кон запад, северозапад и исток и југоисток на растојание од 45 километри. Во следните неколку часа постои можност за зголемување на висината и опфатот со пепел“, се вели во соопштението.

Фуего е најактивниот вулкан во Централна Америка и се наоѓа на околу 45 километри западно од главниот град на Гватемала. Висината на вулканот е 3.763 метри.

Во јуни 2018 година, силната ерупција на овој вулкан погоди 1,7 милиони луѓе или 10 отсто од населението.

By Author