Околу 350 домаќинства се евакуирани во повеќекратна експлозија што се случи во хемиска фабрика во близина на главниот град на Луизијана. Според локалните медиуми, експлозијата се случила во петокот вечерта од засега непознати причини. Исто така, не се знае дали има повредени.
Снимките кои кружат на социјалните мрежи покажаа дека голем облак од црн чад и пламен во облик на печурка ја зафати фабриката во квартот Плакеминс, а забележани се шест одделни експлозии. Локалните власти наредија околното население што поскоро да се евакуира и да ги исклучи сите климатизери.
Фабриката произведувала канцерогена хемикалија
Ургентниот центар брзо го локализираше пожарот во фабриката, додека сите што беа во фабриката беа евакуирани. Според медиумите, меѓу нив нема повредени.
Стејт Департментот за квалитет на животната средина спроведе тестирање на квалитетот на воздухот, како мерка на претпазливост, при што не е откриено истекување на какви било опасни хемикалии од фабриката лоцирана на реката Мисисипи, објави Блиц.
Мониторингот на воздухот продолжи и денеска бидејќи делот од фабриката каде што избувна пожарот произведува и ракува со етилен оксид, моќна и многу запалива хемикалија која е канцерогена за луѓето, соопштија властите.
Експлозијата се почувствувала и на околните места.
– Јас и моето семејство ловевме риба кога слушнавме три последователни експлозии. Погледнавме во небото и видовме огромна светлина проследена со црн чад кој извира на сите правци. Беше навистина страшна ситуација – изјавил еден од очевидците од главниот град на Луизијана.
Втора експлозија за една година
Минатиот април, исто така, беше издадено соопштение за евакуација на населението поради истекување на опасен хлор од фабрика лоцирана недалеку од квартот Плакеминс каде што синоќа се случи експлозијата на централата. Тогаш 39 лица биле пренесени во блиската болница, главно со полесни повреди.
(Dejli mejl)