Неколку европски пратеници испратија писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бараат да се укине таксата за роаминг меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Во писмото нагласуваат дека е важно под еден покрив да се соберат сите кои ги споделуваат европските вредности.

„Земјите од Западен Балкан докажаа дека се сигурни партнери на ЕУ. Со препораките на Европската комисија од 12 октомври БиХ да добие кандидатски статус, дојде до уште една пресвртница во политиката на проширување на Унијата. Јасно е дека пристапните преговори со овие земји ќе продолжат уште некое време за да се обезбедат сите потребни критериуми. Сепак, би можел да се направи важен чекор токму сега со укинување на голем број роаминг бариери, овозможувајќи им на земјите од Западен Балкан и нивните граѓани да се приближат до ЕУ“, се наведува во писмото.

Се бара Европската комисија брзо да претстави јасен патоказ за укинување на роамингот, со што би се проширила европската зона на слободен роаминг, што, според нив, ќе биде од корист за граѓаните. Писмото го потпишаа десетина пратеници.

By Author