Европската комисија предложи максималната цена на гасот да биде 275 евра за мегават час, а таа мерка да се применува од 1 јануари и да важи една година, изјави еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон.
Комисијата се надева дека воведувањето максимална цена на гасот ќе им помогне на земјите-членки да ги намалат цените на енергијата за домаќинствата и деловните субјекти кои достигнаа рекордно високо ниво оваа година по руската инвазија на Украина, што доведе до инфлација и повисоки животни трошоци, објави Ројтерс.
За овој предлог на 24 ноември ќе разговараат министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ, а оваа идеја претходно доведе до несогласувања меѓу 27 земји од блокот.
Белгија, Грција, Италија и Полска бараат воведување ограничувања на цената на гасот, а Германија како најголема економија во Унијата се противи, јавува Радио Слободна Европа.
Германија рече дека ограничувањето би можело да ги отежне многу потребните набавки на гас и да го намали поттикот за ограничување на потрошувачката на енергија, кога земјите треба да штедат гориво и да најдат замена за руските резерви.
Комисијата предложи максимална цена за рускиот гас во септември, но се откажа од идејата по отпорот на земјите од централна и источна Европа, кои беа загрижени дека Москва ќе возврати со прекинување на гасот што сè уште им го испраќа.
Европа се потпираше на Русија за приближно 40 отсто од увозот на гас пред Москва да ја нападне Украина, а тој процент се намали на околу осум отсто откако Русија во меѓувреме го прекина снабдувањето на Европа.
Со оглед на тој пад, некои дипломати на ЕУ рекоа дека ограничувањето малку би допринела за да ги намали европските цени на гасот и повеќе да би функционира како геополитички потег за намалување на приходите на Москва.