Светската метеоролошка организација (СМО) денеска предупреди дека топлото време на планетата и зголемувањето на нивото на морето се влошуваат побрзо од порано.
Сегашните трендови покажуваат дека штетните емисии се на пат да се зголемат за 10 отсто до крајот на деценијата и дека површината на Земјата ќе се загрее за 2,8 степени, покажа истражувањето објавено минатата недела.
„Последниот извештај за состојбата на глобалната клима е хроника на климатскиот хаос. На сигналот за опасност на планетата, ние мора да одговориме со амбициозни, веродостојни климатски акции“, рече генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесе АП.
Светската метеоролошка организација во својот годишен извештај за климата соопшти дека порастот на нивото на морето во изминатата деценија бил двојно поголем отколку во 1990-тите, а од јануари 2020 година скокнал дури и повеќе од тоа.
Според американската агенција, податоците за нивото на морето и просечните температури не се ништо во споредба со тоа како климатските промени влијаеле врз луѓето во екстремни временски услови.
Извештајот ги истакнува неверојатните летни поплави во Пакистан во кои загинаа повеќе од 1.700 луѓе и раселени 7,9 милиони, ужасната четиригодишна суша во Источна Африка која остави повеќе од 18 милиони гладни, реката Јангце која дојде на најниско ниво во август, и рекордни топлотни бранови кои беа во Европа и Кина.
„Овој најнов извештај на Светската метеоролошка организација се чита како лабораториски извештај за критично болен пациент, но во овој случај пациентот е Земјата“, рече климатологот Џенифер Френсис од Центарот за климатски истражувања Вудвел во Кејп Код.
Во извештајот се вели дека нивоата на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид што ја задржува топлината достигнале рекордно високо ниво, а метанот се зголемува со рекордна брзина.
Се нагласува дека тоа значи повеќе од само загревање на температурата на копно.
Исто така, според извештајот, мразот и ледената покривка на Гренланд брзо се намалуваат.