Во Словенија ситуацијата достигнува размери на вистинска катастрофа.

Најмалку три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави што зафатија делови од Словенија, објави словенечката новинска агенција СТА

Поради обилниот дожд евидентирани се повеќе од 1.000 несреќи, а на помош излегле пожарникари од 168 противпожарни служби. Луѓето мораа да бидат евакуирани од три кампови. На некои места во Штаерска се огласиле и сирените за предупредување поради опасност од поплави.

Волонтерската противпожарна бригада од градот Менгеш во централна Словенија, северно од Љубљана, објави драматични фотографии од спасувањето на децата од градинката во Гобица.

Ги известуваме родителите дека успешно ги евакуиравме сите 22 деца од објектот Сончек“, напишаа на социјалната мрежа.

Зградата на градинката е полупоплавена, поројот од вода носи трупци на сите страни, а во целиот овој хаос пожарникарите ги носат децата на раце, облечени во пижами и завиткани во ќебиња.

Еден постар Словенец настрадал во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините на подрачјето на Крањ. Полицијата соопшти дека се уште се утврдуваат околностите на смртта.

– Се чини дека во Камник од поплавите загина човек, а Холанѓаните во планините настрадале од гром. Околностите на смртта се уште се утврдуваат – изјави Маја Адлешич Циперле од полицијата.

Холанѓаните биле пријавени за исчезнати во четвртокот вечерта.

Командантот на Цивилната заштита Сречко Шестан вели дека полицијата го известила дека има неколку загинати, но дека се уште нема конкретни информации за околностите.

Состојбата поради невремето е сериозна, предупреди министерот за одбрана Марјан Шарец, армијата е на терен, а активиран е акцискиот план „Виор“.

Тој план предвидува активирање на силите на словенечката армија во случај на природни катастрофи од големи размери.

Инаку, поради поплави и голем број затворени патишта, на автопатот меѓу Крањ и раскрсницата Љубљана Брод во моментов е дозволен сообраќај за возила без вињета.

Од Јесенице до Љубљана нема возови.

By Author