Германскиот канцелар Олаф Шолц одлучи Германија да не продолжи со проектот Северен тек 2 во екот на украинската криза.

Процесот на одобрување на овој проток од страна на Германија е официјално суспендиран.

Шолц наложи да се направи проценка како Германија може да продолжи да снабдува енергија без да зависи од Русија.

„Ситуацијата суштински се промени“, рече Шолц откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја признае независноста на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск.

Покрај признавањето независност, Путин потпиша и договор за соработка со лидерите на двете самопрогласени републики, што значи дека наскоро ќе се воспостават дипломатски односи.

Договорите беа ратификувани и во руската Дума, а синоќа на улиците на Донбас се одржа прослава на сепаратистите. Покрај тоа, Путин најави испраќање војници во регионот „за да се зачува мирот“.

Западните лидери остро реагираа на потегот на Владимир Путин и најавија воведување економски санкции, кои ќе бидат објавени во текот на денот.

Првиот што презеде акција беше американскиот претседател Џозеф Бајден, кој веќе потпиша декрет за забрана на инвестиции, трговија и финансирање што би ги правеле американските граѓани со самопрогласени републики. Со прекинот на „Северен тек 2“, и Олаф Шолц од зборови премина на дела.

Гасоводот „Северен тек 2“ е дизајниран да ја удвои количината на гас што доаѓа директно од Русија во Германија, заобиколувајќи ја традиционално транзитната Украина.

Проектот се соочува со отпор од Европската унија, САД, како и Украина, бидејќи, според нивната позиција, ја зголемува енергетската зависност на Европа од Русија и ги негира украинските транзитни такси.

Шолц претходно укажа на можноста за суспендирање на веќе спорниот гасовод во случај Русија да повлече драстични потези, што сега се случи. И покрај барањата на неговите западни колеги, Шолц избегна да ја донесе оваа одлука со оглед на тоа што Германија е земја во која доаѓа најголемо количество гас од Русија.

Во случај Владимир Путин навистина да го запре протокот на гас, Германците се плашат дека ќе останат без греење во текот на зимата.

By Author