Најмалку 41 лице загина, а 45 се повредени во пожар во коптска христијанска црква во египетскиот град Гиза, која се наоѓа на западниот брег на Нил, на околу 15 километри југозападно од Каиро и е дел од поширокиот периметар на градот.
Пожарот најверојатно бил предизвикан од неисправни инсталации, кога околу 5.000 верници се собрале на миса во црквата Або Сефеин (Свети Меркур), по што избило стампедо. Полициските извештаи укажуваат дека пожарот настанал од вториот кат, најверојатно од климата.
Еден од свештениците од соседната црква изјавил дека дошло до краток спој во инсталациите бидејќи снемала струја и генераторот бил вклучен. Кога се врати напојувањето, инсталациите беа преоптоварени. Искрата што се појави предизвика пожар.
Според првите извештаи меѓу загинатите има и деца.
– На третиот и четвртиот кат се собираа верници, а потоа наеднаш се појави чад од вториот кат. Оние од повисоките катови панично притрчаа да се симнат по скалите и почнаа да се превртуваат – изјави еден од сведоците, кој ја избегнал смртта бидејќи бил на приземје и успеал да излезе заедно со ќерката пред толпата да се упати кон излезот.
– Тогаш се слушна тресок и видовме пламен како излегува од прозорецот.
Пожарникарите со четири возила го гаснеле пожарот, но пламенот брзо се проширил бидејќи внатрешноста на црквата е од дрво.
Ова го објави египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси преку „Твитер“.
– Изразувам искрено сочувство до семејствата на невините жртви кои дојдоа да бидат со нивниот Господ во една од неговите богослужби – напиша Сиси.
Египетскиот претседател рече и дека следи се што се случува со овој трагичен инцидент и дека бара сите да дејствуваат што е можно поскоро за да се ублажат последиците од трагедијата.
Ова е една од најголемите трагедии предизвикани од пожар во последните години во Египет.
КОПТИТЕ ја сочинуваат најголемата христијанска група на Блискиот Исток и брои околу 10 милиони меѓу 103 милиони жители на Египет. Ова малцинство беше цел на напади на исламистите, особено откако Сиси го замени Мохамед Морси на власт во 2013 година, кога нивните домови, училишта и цркви беа нападнати и запалени.