Доаѓањето на пролетта веќе се чувствува во водухот. Месец март ја најавува пролетта, а 1-ви март, се слави како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината.
Во чест на месец март и доаѓањето на пролетта традицијата вели дека во некои краеви во минатото, но и денес на рацете се врзува црвено – белите мартинка направена од конец.
Велат дека подарена мартинка е знак за топло пријателство и среќа. Најчесто мартинка плетат бабите и им ја врзуваат на своите внуци, а се носат за здравје, среќа, плодност и долг живот. Таа се прави со испреплетување на бел и црвен конец.
Црвената боја ја симболизира крвта и љубовта, а белата асоцира на чистота и искреност.
Мартинката се подарува на првиот ден од месец март, во чест на Баба Марта. Истата се носи на левата рака или закачена на облеката сè додека расцвета првото дрво (според некои верувања додека не ја видите првата ластовичка или првиот штрк). Потоа се закачува на него со желби за здравје за себе и за добро здравје на своите најблиски.
Оваа традиција е позната и присутна во дел од земјава, каде и ден денес ја практикуваат, но во други делови полека исчезнува и се заборава.
Секоја година, ова време, се среќаваме со истиот проблем – дали да се става и носи мартинка или не. Што вели црквата за ова, не е проблем самата мартинка, туку односот кон неа.
Значи, ако мартинката се носи неколку денови или една недела, дали како негување на стара традиција, дали како мода, дали во чест на нашите предци, дали како заедничко балканско културно наследство, дали заради забава или од некоја друга причина, тогаш не е во спротивност на Црковното учење.
Но, ако носењето мартинка стане суеверен и магиски, а со тоа и демонски обичај, тогаш таквото поведение не е во согласност со учењето на Црквата. Секако, секој е слободен да го послуша, или не, учењето на Црквата, и е одговорен за одлуките што ги носи.
Како носењето мартинка станува суеверие? Ако луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите), и сѐ додека не расцути првото дрво; и ако, според истото погрешно верување, на крај мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите преку тој ритуал ќе им се исполнат, тогаш таквото верување, како и ритуал, немаат никаква врска со православната вера, туку се обично суеверие.