Богатството на семејството на сирискиот претседател Башар ал Асад веројатно е меѓу една и две милијарди долари, објави американскиот Стејт департмент.
Во извештајот направен по барање на Конгресот, американското Министерство за надворешни работи наведува дека не може да даде „точна проценка“ бидејќи постои сомневање дека семејството Асад има имот под позајмени имиња или скриен под нетранспарентни компании.
„Проценките врз основа на информациите достапни за сите обично го одредуваат богатството на семејството Асад меѓу една и две милијарди долари“, се наведува во јавниот дел од извештајот, чии делови се означени како тајни.
Семејството Асад е на чело на сложениот систем кој вклучува параван на компании кои му служат на режимот за пристап до финансиските ресурси, се вели во извештајот, цитирајќи информации од невладините организации и медиумите.
Проценките вклучуваат сопруга, брат, сестра, братучеди и вујко на претседателот. Повеќето од нив се под влијание на американските санкции.
Стејт департментот наведува дека нема доволно информации за имотот на трите деца на Башар ал Асад, од кои најмалото има 17 години.
Соединетите Држави применуваат санкции кои ја спречуваат нормализацијата со сирискиот претседател кој ја врати контролата врз поголемиот дел од сириската територија по една деценија војна.
Меѓутоа, другите земји одат спротивен пат. Башар ал Асад ги посети Обединетите Арапски Емирати во март, што е прва посета на арапска земја од почетокот на војната во 2011 година