Вработените во итната помош кои со денови се борат да го изгаснат пожарот на падините на највисокиот врв во Африка, планината Килиманџаро, успеаја да локализираат некои делови, изјави танзаниски официјален претставник.

– Имаме голем успех во контролата на пожарот – изјави професорот Елиамани Седојека од Министерството за природни ресурси и туризам на Танзанија.

Пожарот избувнал во петокот вечерта во близина на една од најпопуларните патеки за искачување на планината, но се уште е нејасно како настанал пожарот.

На видеата кои со денови кружат на интернет, може да се забележи голем чад кој зафаќа делови од шумата што ја опкружува планината.

Стотици работници за итна помош и волонтери пристигнаа на местото на настанот за да помогнат во локализирањето на пожарот.

Околу 500 луѓе, вклучително и пожарникари, персонал на националниот парк, туристички водичи и цивили, се вели дека пристигнале на местото на настанот за да помогнат во гаснењето на пожарот, според танзанскиот весник Мвананчи.

Се додава дека од армијата било побарано да дојде и да помогне во локализирањето на пожарот.

Сепак, на денешната прес-конференција професорот Седојека рече дека благодарение на напорите на работниците од итната помош и волонтерите, пожарите сега се главно под контрола.

Тој додаде дека се надева дека пожарот ќе биде целосно под контрола до недела навечер.

Засега нема пријавени жртви.

Во изјава за Би-Би-Си, член кој помагал во гаснењето на пожарот рекол дека пожарот не се проширил на пешачките патеки и камповите на планината, со што се намалува ризикот од можни жртви.

https://www.youtube.com/watch?v=g4bzbawW7pk&t=29s

Планината Килиманџаро, висока 5.895 метри, е популарна туристичка дестинација која секоја година ја посетуваат десетици илјади луѓе.

By Author