Протестите за смртта на младата жена која почина во притвор на „полицијата на моралот“ која спроведува строги правила за хиџаб продолжија во неделата во Иран.
Дваесет и двегодишната Маша Амини почина во петокот откако беше уапсена во Техеран на почетокот на неделата. Случајот ги стави во центарот на вниманието правата на жените во оваа исламска земја.
Полицијата ги отфрли сомнежите објавени на социјалните мрежи дека била претепана, велејќи дека и се слошило додека чекала со други затворени жени.
– Надлежните рекоа дека мојата ќерка има хронични заболувања. Јас лично ги демантирам таквите тврдења бидејќи таа беше во добра форма и немаше здравствени проблеми – изјавил нејзиниот татко во неделата.
Стотици демонстранти се собраа околу Универзитетот во Техеран во неделата, извикувајќи „Жена, живот, слобода“, според видеата објавени на интернет.
Според иранскиот шеријатски закон, жените се обврзани да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека.
Оние кои ги прекршуваат правилата се соочуваат со јавна опомена, парична казна или апсење. Сепак, во последниве месеци активистите ги повикаа жените да ги тргнат превезите и покрај строгите мерки на тврдокорните владетели против „неморалното однесување“.
Маша Амини беше по потекло од иранскиот регион Курдистан, каде што исто така се одржаа протести во саботата, вклучително и на нејзиниот погреб во нејзиниот роден град Сакез. Инаку, во Иран живеат меѓу осум и десет милиони Курди.
Протестите во Сакез беа задушени од полицијата, а според видеата објавени на интернет, најмалку еден маж се здобил со повреди на главата.
Курдска група за права соопшти дека 33 лица се повредени во градот, додека Ројтерс не може независно да ја потврди бројката.
Смртта на 22-годишната Иранка три дена откако беше приведена во полиција поради наводно кршење на правилата за хиџаб, предизвика бурни реакции во земјата и на меѓународно ниво.
Очевидци на нејзиното апсење изјавија за новинарите дека се чини дека Амини била претепана во комбе на „морална полиција“ додека ја носеле во притворот.
На 16 септември, Белата куќа ја нарече нејзината смрт „непростлива“, а Амнести интернешенел (АИ) исто така реагираше, повикувајќи на истрага за „сомнителната“ смрт.
– Таканаречената „полиција на моралот“ во Техеран произволно ја уапси три дена пред нејзината смрт додека ги спроведуваше навредливите, понижувачки и дискриминаторски закони за присилно прикривање. Сите одговорни агенти и службеници мора да се соочат со правдата – се вели во соопштението на организацијата за човекови права на АИ.
Медиумскиот центар на полициската управа во Техеран ги демантираше тврдењата на очевидците дека Амини била претепана, велејќи дека била префрлена во еден од полициските оддели во Техеран за „оправдување и едукација“ за хиџабот кога „одеднаш добила проблем со срцето“.
Хиџабот стана задолжителен во јавноста за иранските жени и девојчиња постари од девет години по Исламската револуција во 1979 година.