Во четвртокот почна штрајкот на неколку германски аеродроми, а овој петок дополнително се засили, бидејќи од рано утрото не сообраќаат ниту возовите. Синдикатот за железници и транспорт (ЕВГ) утринава повторно го блокираше железничкиот сообраќај низ Германија од 3 до 11 часот.
Вработените во меѓуградските, регионалните и локалните возови излегоа на штрајк откако синдикатот ги повика сите свои членови во Германските железници (ДБ) и 50 други автобуски и железнички компании да се приклучат на штрајкот. На штрајкот во различни делови на Германија се приклучи и персоналот на приватните железнички компании.
Метро линиите и многу автобуски линии, сепак, не треба да бидат засегнати од штрајкот. Меѓутоа, доколку вработените во Германските железници одговорни за сигнализација и инфраструктура, кои ги користат и други железнички компании, одлучат да штрајкуваат, тогаш ќе мора да застанат и возовите на другите компании.
Во метрополите како Минхен, метрото работи, како и автобусите и трамваите на минхенската транспортна компанија (MVG), но во тој град се запрени и градските возови. Исто така, во прекин беше сообраќајот на различни регионални автобуски линии.
Германските железници објавија дека по завршувањето на предупредувачкиот штрајк „ќе тргнат што е можно поскоро и што е можно повеќе линии според вообичаениот возен ред“.