По наредба на индиските власти, два нелегално изградени облакодери се урнати за помалку од десет секунди во близина на главниот град Њу Делхи, јавуваат локалните медиуми.
Повеќекатните згради високи 103 метри со 850 ненаселени станови се урнати по детонацијата на стратешки поставен експлозив, пренесува Ројтерс.
Локалните власти изјавија дека за уривањето биле употребени повеќе од 3.700 килограми експлозив.
Некои згради во близина се покриени со бела пластична обвивка за да се заштитат од летечки отпад за време на уривањето.
За акцијата за уривање беа ангажирани десетици полицајци и друг персонал.
На илјадници луѓе претходно им беше наредено десет часа да ги напуштат становите во предградието на индиската престолнина.
Минатата година Врховниот суд на Индија нареди рушење на овие облакодери во општина Ноида, откако долготрајната правна битка утврди дека градежните правила и нормите за заштита од пожари биле повеќекратно прекршени.
Уривањето згради во Индија е ретко, и покрај тоа што дивоградбата е широко распространета, пренесува британската агенција.