Мигрантите плаќале и до 10.000евра доколку се криумчарат во мали групи од пет или шест лица.
Во заедничка акција на бугарските власти, Европол, српската и турската полиција, во понеделникот во Бугарија беа обвинети 92 лица под сомнение дека се дел од организирана криминална група која криумчарела луѓе.
Активностите беа координирани од бугарскиот јавен обвинител и специјалниот оддел за борба против организираниот криминал, државната и граничната полиција. Бугарските истражители координирале и со српските и турските власти, како и со други партнерски агенции, објави Европол.
Покрај обвинението против 92 лица, проверени се 624 локации, 4.202 возила и 7.019 лица.
Заедничките акции се одвиваа низ цела Бугарија и се фокусираа на бројни мрежи на шверцери од Турција, кои одат преку Бугарија, Србија, кон Западна Европа, додава Европол. „Главните организатори на мрежата активна по оваа рута имаат бази во Бугарија, Србија и Турција.
Тие создадоа свои државни мрежи и членови на групата кои се задолжени за транспорт и сместување на луѓето што ги шверцуваат.
За шверц се користат комбиња, кампери и автобуси, а цената за шверц на поголема група варира од 2.000 до 3.000 евра по лице.
Доколку мигрантите се криумчарат во мали групи од пет или шест лица, тие може да платат и до 10.000 евра.
Плаќањата се вршат кога главниот организатор од Турција ќе потврди дека мигрантите пристигнале на бугарско-српската граница“, се вели во соопштението на Европол.