Вооружени милитанти убиле најмалку 200 луѓе во неколку напади извршени оваа недела во државата Замфарана во северозападна Нигерија, соопштија локалните жители.
Се верува дека нападите врз цивили се одмазда за бомбардирањето на армијата, во кое во понеделникот беа убиени повеќе од 100 нивни борци, а другите беа принудени да ги напуштат своите скривалишта во шумата, јавува Би-Би-Си.
Околу 300 вооружени мажи на мотоцикли во средата и четвртокот извршија напади во десет села во областите Анка и Букуџум, отворајќи оган врз локалното население, ограбувајќи и палејќи куќи.
Еден локален жител изјави за Ројтерс дека пукале во сите на кои ќе наишле.
Северозападниот дел и центарот на Нигерија во последните неколку години беа цел на криминални банди кои напаѓаат, ограбуваат и киднапираат селани кои крадат стока и палат куќи.
Во изјавата објавена во саботата, нигерискиот претседател Мухамаду Бухари вети дека владата нема да попушти во борбата против милитантите.
„Последните бандитски напади врз невини луѓе се чин на очај од страна на масовните убијци, кои сега се под немилосрден притисок од нашите воени сили“, рече тој.
Нигериската влада официјално ги идентификуваше бандите како терористи во средата, дозволувајќи им на безбедносните сили да воведат построги санкции за групите и нивните поддржувачи.