Блокирањето на влезот на Романија и Бугарија во Шенген зоната е „лош ден за Европа“, изјави вчера германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
На две балкански членки на ЕУ денеска им беше забранет пристапот до подрачјето на Европската унија каде што е можно движење на луѓе без пасош, по приговори предводени од Австрија, пренесува Ројтерс.
„До последен момент се боревме да обезбедиме прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната“, рече Аналена Бербок на прес-конференција во Даблин.
Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави дека гласал против приемот на Бугарија и Романија во Шенген затоа што Шенгенот во моментов не функционира.
„Да не беше така, немаше да имаме 75.000 нерегистрирани нерегуларни мигранти во Австрија. Јас предложив да се одложи приемот, како и, на пример, повторно да гласаме во септември. После таа фаза ќе може да се каже дали нешто се случило, дали мерките што ги објави Европската комисија во нејзиниот акционен план се преточени во акција. Хартијата трпи сè, потребни се мерки“, објасни Карнер за виенскиот дневен весник „Стандард.
На констатацијата дека помал број мигранти кои бараат азил во Австрија доаѓаат преку Романија, а поголем дел преку Србија и Унгарија, како и дека Романија е лута поради постапките на Австрија, Карнер рече дека и тој е лут.
„Јас сум лут поради начинот на кој беше направено, што практично преку ноќ беше на маса правниот акт. За продолжување на Шенген зборуваме повеќе од една деценија. И сега, одеднаш, го добивме, без да го подготвиме населението за прашања за тоа дали тоа носи поголема безбедност или ризик“, додаде Карнер. Тој негираше дека претстојните избори во покраината Долна Австрија, кои се важни за Народната партија (ОВП) чиј член е тој, имаат некаква врска со ветото за проширување на Шенген. „Имаме најголем број бегалци од 1956 година. Подобро да се каже илегални мигранти, бидејќи знаеме дека мнозинството се економски бегалци. Не можам да го игнорирам тоа. Тоа се фактите со кои треба да се справи министерот“, рече тој.