Фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бајонтек“ изјавија дека нивната вакцина против коронавирус ќе биде ефикасна кај повеќе од 90% од пациентите што не биле заразени со коронавирусот. Ова го покажуваат податоците од нивното досегашно испитување на вакцината.


Прелиминарната анализа, спроведена од независен одбор за следење на податоци, била направена во третата фаза од создавањето на вакцината, што вклучува тестирање на речиси 44.000 луѓе од САД и 5 други земји. Со коронавирусот се заразиле 94 лица што биле дел од истражувањето, но во моментов не се знае колкумина од нив примиле вакцина, а кои примиле плацебо.


Податоците допрва треба да бидат рецензирани, а Фајзер “ вели дека процентот на ефективност на вакцината може да се смени додека да завршат испитувањата. Сепак, откритијата се досега најпозитивен показател дека наскоро ќе добиеме ефективна вакцина против коронавирусот.
Се проценува дека до крајот на годината ќе бидат достапни 50 милиони дози од вакцината, што е доволно за вакцинација на 25 милиони луѓе. „Фајзер“ планира да произведе вкупно 1,3 милијарда дози во 2021. „Фајзер“ и „Бајонтек“ имаат соработка за испорака на вакцини со САД, Европската Унија, Велика Британија, Канада и Јапонија.

By Admin1