Во бомбашки напад на џамија во авганистанската престолнина Кабул за време на вечерната молитва загинаа 21 лице, а уште 33 се ранети, соопшти денеска полицијата.
Во нападот загинал и истакнат исламски старешина, а меѓу повредените има и неколку деца, пренесоа агенциите повикувајќи се на полицијата и очевидци.
Сè уште никој не ја презел одговорноста за вчерашниот напад, последниот што ја погоди земјата за време на една година владеење на талибанците, според американската агенција.
Според очевидци, жители на градскиот кварт Кер Кан, каде што бил извршен нападот на џамијата Сидики, експлозијата ја извршил бомбаш самоубиец.
Убиениот исламски поглавар на џамијата е мула Амир Мохамад Кабули, изјави анонимен очевидец, пренесува АП.
Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид, исто така, ја осуди експлозијата и вети дека „сторителите на таквите злосторства наскоро ќе бидат изведени пред лицето на правдата и казнети“.
Жителите на Кабул известија дека од силината на експлозијата во северниот дел на главниот град, скршени се прозорците на околните згради.
Локалната терористичка организација Исламска држава ги засили нападите врз талибанците и цивилите откако тие ја презедоа власта во август минатата година, во време кога американските и трупите на НАТО беа во завршна фаза на повлекување од земјата.
Терористичката организација ја презеде одговорноста за убиството на истакнатиот талибански лидер во неговиот верски центар во Кабул минатата недела.