Приходите на Иран од извозот на нафта и кондензат скокнале за 580 отсто во првите четири месеци од иранската фискална година, односно во периодот од 21 март до 21 јули, во споредба со истиот период пред една година, изјави иранскиот министер за економија Ехсан Кандузи. објави денеска.
– Благодарение на зголемувањето на извозот на нафта и на девизниот курс на нашиот нов буџет, забележавме зголемување на државната каса од 580 отсто од извозот на нафта и кондензат во првите четири месеци од оваа година, рече Кандузи на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Агенцијата додава дека позитивниот извештај за приходите од нафтата се совпаѓа со најавата за иранската инфлација која надминува 50 отсто, при што цените на суровините се тројно зголемени, трошоците за енергија и станови се зголемуваат, а протестите се шират низ целата земја поради економските проблеми.
Цените на нафтата се речиси двојно зголемени во споредба со пред една година поради украинската криза и глобалното економско закрепнување по пандемијата.
Иранската влада вели дека нашла начини да ги врати средствата од претходниот извоз на енергија и го зголемила извозот на нафта и покрај санкциите што ги вратија САД во 2018 година, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече Америка од иранскиот нуклеарен договор.
Преговорите за оживување на тој договор од 2015 година и овозможување укинување на американските санкции се во мирување од март оваа година, најмногу поради инсистирањето на Техеран Вашингтон да го отстрани Корпусот на Исламската револуционерна гарда од списокот на терористички организации.