На двајца американски туристи им е забранет влез во центарот на Рим, бидејќи со електрични тротинети ги оштетиле Шпанските скали, една од најпознатите знаменитости на италијанската престолнина.

Инцидентот, кој бил снимен од безбедносните камери, се случил неколку недели откако Саудиец бил уапсен бидејќи наводно возел изнајмен спортски автомобил Maserati низ оваа знаменитост од 18 век, што исто така предизвикало штета.

Полицијата соопшти дека туристите, момче и девојка на возраст од 28 и 29 години, на 3 јуни околу два часот по полноќ биле запрени од патрола, откако тротинет бил фрлен по скалите.

„Неколку американски туристи со електричени тротинети три пати се спуштија по скалите Тринита деи Монти, оштетувајќи ја претпоследната скала“, соопшти градската надзорна управа.

Беше кажано дека инцидентот исфрлил парче мермер од 10 сантиметри и дека реставрацијата ќе чини 25.000 евра. И двајцата се казнети со по 400 евра, соопшти полицијата.

Девојката е обвинета и за оштетување на споменикот, бидејќи во еден момент намерно го фрлила тротинетот што го возела низ скалите.

На мажот и на жената им е забрането да го посетуваат просторот околу скалите во наредните два дена.

Патем, овие шпански скали се еден од најстарите културни споменици во Рим. Своето име и го должат на шпанската амбасада, која се наоѓа во палатата на плоштадот долу.

Тие беа реставрирани пред две години, а во нив беа инвестирани милион и пол евра.

By Author