Откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека НАТО испраќа агресивни пораки, поради што нареди да се стават силите за нуклеарно одвраќање во состојба на готовност, Белата куќа соопшти дека САД и НАТО не и се закануваат на Русија.

Зборуваше американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд.

– САД сметаат дека Русија ја донела оваа одлука врз основа на закани кои не постојат – се наведува од Белата куќа.
„Ова значи дека претседателот Путин продолжува да ја ескалира оваа војна на начин кој е целосно неприфатлив и дека мора да продолжиме да ги запираме неговите постапки на најсилен можен начин“, рече Томас-Гринфилд во интервју за Си-Би-Ес, пренесе Ројтерс.

Се огласи и НАТО.

Потегот на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави руските сили во состојба на специјална борбена готовност е опасен и неодговорен и придонесува за агресивниот модел на рускиот лидер, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Путин им нареди на началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов и министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги стават руските сили за одвраќање во состојба на специјална борбена готовност.

Наредбата ја издал на средба со Герасимов и Шојгу, пренесе Интерфакс.
– Највисоките функционери на водечките земји на НАТО дозволуваат агресивни изјави кон нашата земја, затоа им наредувам на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот да ги стават силите за одвраќање на руската армија во состојба на специјална борбена готовност – рече Путин.

By Author