Соединетите држави ги повлекоа сите свои трупи од воздухопловната база Кандахар на југот на Авганистан, една од најголемите воени бази во таа земја, соопштија денес тамошните власти.

„Базата официјално не ни е вратена, но можам да потврдам дека тие (Соединетите држави) ја напуштија во средата“, рече портпаролот на авганистанската влада во Кандахар.

Директорот на аеродромот Кандахар рече дека Американците им ги вратија сите капацитети на авганистанските сили.

Во една фаза, базата беше втора по големина, во која се наоѓаа американски и меѓународни трупи присутни во земјата. Провинцијата Кандахар е поранешно упориште на талибанците во јужен Авганистан и во последните месеци таму се водат борби меѓу талибанските бунтовници и авганистанските сили. Тридневното примирје започна вчера по повод муслиманскиот празник по неколку недели силни борби низ целата земја. Во Авганистан има зголемување на насилството од 1 мај, кога Американците требаше да ги повлечат преостанатите 2.500 војници од земјата.

Вашингтон и НАТО ветија дека ќе ги повлечат сите свои трупи до 11 септември, 20-годишнината од терористичките напади врз Соединетите држави. Американската армија во вторникот соопшти дека дотогаш биле повлечени од земјата меѓу шест и 12 проценти од американските сили.

By Admin