Недолго по посетата на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, денеска пристигна делегација од американски конгресмени во дводневна посета на Тајван.
Петчлената делегација, предводена од демократскиот сенатор Ед Марки од Масачусетс, ќе се сретне со тајванските власти за да разговараат за односите меѓу САД и Тајван, регионалната безбедност, трговијата, инвестициите и други прашања, соопшти Американскиот институт во Тајван.
Тајванската телевизија прикажа снимка од авион на американската влада како слетува на аеродромот Сонгшан во Тајпеј, главниот град на Тајван.
Како што се наведува во соопштението, средбата се одржува во рамки на пошироката посета на конгресменот на индо-пацифичкиот регион.
„Особено во време кога Кина ги зголемува тензиите во Тајванскиот теснец и во регионот со своите воени вежби, делегацијата предводена од Марки уште еднаш ја демонстрира силната поддршка на американскиот Конгрес за Тајван“, се вели во изјавата на тајванскиот лидер.
Претходно денеска, тајванското Министерство за одбрана објави дека забележало 22 кинески воени авиони и шест бродови на морнарицата во и околу тајванскиот теснец.
Тензиите во Тајванскиот теснец и целиот азиско-пацифички регион се зголемија по посетата на Пелоси на Тајван на 2 и 3 август, по што кинеската војска одржа неколкудневни големи вежби.